Со текот на годините научивме дека библиотеката, образованието, писменоста и националниот развој секогаш одеа рака под рака и влијаеја на сите – ученици од основно училиште па се до највисоко ниво на образование. Во денешни услови, библиотеката го продолжува своето дејство низ целиот живот.
Во текот на 20тите години од минатиот век, се појави новиот начин на образование – неформалното. Додека се составуваше концептот на „Доживотно учење“, главната улога во тој систем ја добија библиотеките. Сметајќи дека библиотеките треба да бидат центри од кои произлегуваат знаење, информации и идеи, беше создадена идејата дека секоја образовна потреба која формалниот систем на образование не ја нуди, може да биде исполнета само во центрите за неформално образование. Во течението на модерниот свет, кој сеуште го живее својот подем, библиотеките почнаа нов начин на работа.
Нудат услуги кои се подалеку од типичната библиотечна дејност. Не се работи веќе само за установи во кои се изнајмуваат книги. Доаѓаме до степен каде дигиталната писменост ја бараме во библиотеките, обуки и доквалификации за работна позиција бараме по библиотеките, социјализацијата која ни недостига поради технолошката окупација во секојдневниот живот ја бараме во библиотеките и многу други социјални недостатоци ги бараме токму во овие институции.
Зошто библиотеките? Затоа што се институции од најуникатен вид!
Како?!
Кога младата генерација ќе се запраша „Што сакам да работам кога ќе пораснам?“, одговорот да се добива во библиотеката.
Кога возрасната генерација ќе изјави желба за бегство од монотонијата на секојдневното живеење, одговорот да го имаат во библиотеката.
Кога децата ќе почувствуваат потреба од уникатна анимација, библиотеките да им ја пружат во едукатвна и забавна форма.
Кога студентите излегуваат од факултет со теоретско знаење, а без развиени квалификации – да ги бараат во библиотеките.
Кога највозрасната генерација сака да го чита дневниот печат – да го побара во библиотеката со чаша кафе.
Кога млади умови сакаат да направат промена во светот – да почнат од библиотеката.
Кога ќе влеземе во библиотеката да добиеме чувство на припадност, топлина, нова идеја, медијација со модерниот свет, нова преродба, нов начин на фукционирање, нов концепт, нов почеток…
Подготвено од Габриела Донева, љубител на модерните библиотеки.