Новости

Валандово: Во чевлите на библиотекарите во програмата #БиблиоБум

Во продолжение на нашата серија на интервјуа “Во чевлите на библиотекарите во програмата #БиблиоБум”, го споделуваме краткото интервју со тимот од библиотеката ,,Гоце Делчев” во Валандово!

Овој тим, којшто себеси се опишуваат како “Совршена комбинација!” е составен од директорката Љилијана, вработената Станка и волонтерот Митко. Еве што тие ни одговорија на неколкуте прашања и хипотетички ситуации коишто им ги поставивме.

  • Промената на библиотеките е стара инспирација, но како што вели нашиот слоган, почнавте ли да чуствувате нова трансформација во библиотеката, од почетокот на програмата #БиблиоБум?

Да. Со самото тоа што веќе започнавме со читателската работилница на почетокот на февруари, имаме чуство дека ја менуваме поранешната дефиниција на библиотеката и сега нашата библиотека не е само место кадешто се изнајмуваат книги, туку почнуваме да стануваме едукативен центар кадешто им помагаме на децата од предучилишна возраст.

  • Со кој збор би се опишале како тим?

Солидна соработка! Совршена комбинација. Предобро работиме и се согласуваме!

  • Кога денот ви е наопаку што е она што во библиотеката што може да ви го врати расположението?

Самиот специфичен мирис на книгите што ниту еден друг предмет не го поседува.

  • Замислете дека освојувате награда како тим во вид на финансиска поддршка, но средствата мораат да бидат искористени за иновативност во работата. На што прво би ги потрошиле тие средства?

За услугата на стратегиските игри во библиотеката. Читателската работилница, е проект којшто веќе го започнавме и за тоа не би ни требале големи финансии, но би ги искористиле за имплементација за втората услуга којашто сакаме да ја обезбедиме, а тоа е изнајмување на стратегиските игри. Ако ги искористиме тие средства за нови книги, само ја потврдуваме нашата стара дефиниција, а ние се стремиме кон иновација! Сепак има испланирани средства за нови книги, но нема за иновации, па логично би било да ги инвестираме онаму кадешто недостасуваат. Убаво би било и библиотеката да добие нов изглед!

  • Замислете дека во вашиот град е прогласен полициски час, вонредна состојба, заглавени сте во библиотеката во наредните 24 часа со 40 луѓе. Што ќе направите за забава?

Би го искористиле тоа време да ги избегнеме секојдневните теми на разговор. Верувам дека самото опкружување во библиотеката, предметите околу нас ќе развијат една друга дискусија и ќе дадат повод за присутните коишто не се наши корисници, да станат наши корисници и ги користат услугите на библиотеката.

  • Организирате интерактивна забава по повод патронатот, роденденот на библиотеката. Набројте три активности што би ги правеле со генерациите: деца, возрасни и пензионери.

За децата, би издвоила познати цитати од Гоце Делчев, за да ги рецитираат. На тој начин би се поттикнала свеста на децата уште од најмала возраст за љубов и приврзаност кон татковината. За тинејџерите и адолесцентите, би им дала задача да напишат некаков есеј поврзан со името на библиотеката “Гоце Делчев”. Понатаму, дискусии на теми што им се на возрасните групи блиски. Нешто што би го прикажало мислењето на сите за литературата и за библиотеката.

  • Во градот доаѓаат 500 туристи, а вашата библиотека има задача да го промовира градот и оформи агенда за запознавање со градот, што би вклучиле?

Самите вработени во библиотеката имаат добро знаење за културата и историјата на градот, има доста книги за тоа. Прво би било добро да ги пречекаме туристите и им кажеме некои основни работи за градот, па прошетувајќи низ градот да им ги објасниме знаменитостите и историјата. Би ги запознале и со природата околу Валандово, што е навистина ретка. Има доста митови и преданија околу градот што би оставиле впечаток, како на пример водопадите што кријат интересни приказни, некои ги викаат ѓаволски. Тука вработените во библиотеката може креативно да се изразат и го направат градот поатрактивен. Имаме навистина страсни роднокрајни автори коишто пишуваат легенди и преданија за самата општина и можеби во тие мигови би ги извлекле едни од најчитаните дела и можеби со тоа ќе ги заинтригитаме туристите преку приказна сами да ги истражат местата коишто се опишани, како на пр. Манастирот Св. Ѓорѓи.

СмарАп - Лабораторија за социјални иновации

СмарАп - Лабораторија за социјални иновации

СмартАп е лабораторија за социјални иновации која работи на поврзување на различните засегнати страни во еден еко-систем кој промовира и развива социјални иновации со цел градење на општество кое е општествено, економски и еколошки одржливо. Целта на организацијата е градење на капацитите на луѓето и обезбедување на алатки преку кои тие ќе можат активно да учествуваат во решавањето на општествените предизвици.

Leave a Reply