Тимовите учесници од библиотеките во Велес, Валандово, Кавадарци, Дебар, Струмица, Неготино и Свети Николе веќе 3 месеци се во процесот на креирање нови услуги и активности кои ќе ги спроведуваат библиотеките по завршувањето на #БиблиоБум програмата.
Прочитајте кои се нивните впечатоци и размислувања за програмата, како тие ги користат и имплементираат знаењата и алатките од досегашните сесии и каде се гледаат себе си по завршувањето на #БиблиоБум.
„Како сметаш дека #БиблиоБум ќе им помогне на библиотеките да создадат позитивна промена во локалните заедници?“
Досегашното мое искуство со БиблиоБум и за она што разговаравме веќе со вработените во библиотеката е дека веќе почнавме да размислуваме поинаку во врска со некои работи, а тоа е од влијанието од овој проект. Секако дека тоа е добро влијание. Интересен ми беше и процесот на истражувањето за потребите на локалната заедница, самите интервјуа, воопшто земено целото тоа искуство. Денес на пример, многу ми беше интересно и презентирањето на Горазд. Ни помогна да разбереме како да се справиме со предизвиците на практичен начин.
„Дали сметаш дека водилките кои денес ги разгледувавте се добри водилки за понатамошен развој?“
Да, секако. До сега не сум имала искуство на оваа тема, но веќе промената се гледа. Согледуваме дека програмата ни дава начини и модели како практично да дејствуваме со позитивни промени, за да ги изреализираме идеите кои ги имаме.
„Каде се гледаш ти, по завршувањето на програмата?“
Сметам дека овој проект ми носи ново искуство, нова мрежа на луѓе и нов начин на размислување, па можеби ќе ми се отвори некој нов пат.
„Како сметаш дека #БиблиоБум ќе им помогне на библиотеките да создадат позитивна промена во локалните заедници?“
Целиот проект е добро осмислен, баш за унапредување на библиотеките. Се движи во насока да бидат мултимедијални и мултикултурни центри, односно да не биде само центар кој ќе асоцира на изнајмување на книги. Односно повеќе слојна институција која ќе му користи на целото општество. Сметам дека материјалите кои ни се понудени за работа, водилките и примерите се добри и многу корисни.
„Каде се гледаш ти, по завршувањето на програмата?“
Најверојатно, на истото место бидејќи сум вработен во библиотеката, меѓутоа со нови знаења, со ново искуство и понапреден, со поразлична динамика и поразлична перцепција кон работата.
„Како сметаш дека #БиблиоБум ќе им помогне на библиотеките да создадат позитивна промена во локалните заедници?“
Најпрво верувам дека сите вработени во библиотеката имаат желба да постигнат нешто повеќе, но во воведнта сесија и оваа денес сфативме дека некои работи не ни се доволно јасни. Мисијата, визијата и стратегијата, колку и да сме ние позитивно настроени кон промени, тешко е да се дефинираат. Условите во кои се наоѓаат сега библиотеките многу ограничуваат кога се работи за дефинирањето, поготово кога сакаме да се дефинираме како едукативен центар. Сметам дека сесијата денес, кога разговаравме за стратегија, визија и мисија, добивме помош за подобро да ги разликуваме, осмислиме и дефинираме и секако да си ги поставиме приоритетите на библиотеката. Надвор од овој проект сметам дека оваа сесија може да и помогне на библиотеката да постигне многу повеќе на долгорочното планирање и носење одлуки. Добиваме шанса реално да си ги поставиме целите. Можеме да си мислиме што сакаме и да посакуваме, но додека не ги анализираме целите темелно, не можеме да дојдеме до заклучок и да донесеме одлука.
„Каде се гледаш ти, по завршувањето на програмата?“
Овие вештини, кои ги стекнуваме овде, не се ограничени само за овој настан и не се врзани само за овој проект. Се работи за универзални вештини и може да се применат за други цели, не само на работно ниво туки и за лични цели. Затоа сум и овде, како волонтер, бидејќи сметам дека понудениот развој на вештини му требаат на секого за да се надоградува професионално. Сепак, по професија сум архитект и сметам дека се корисни за мојата работа.