Новости

Урбанизирај се – Клуб на Млади Креативци во Велес

Во рамките на програмата БиблиоБум, локалната библиотека „Гоце Делчев” во Велес, заедно со Младинскиот Образовен Форум – МОФ, формираше „Клуб на млади креативци”, кој што ќе им овозможи на младите слободно да ја изразат својата креативност и истовремено ќе го разубават градот со креации кои ќе бидат со едукативна содржина. На 31ви мај и 1ви јуни, млади креативци од формираниот клуб ќе излезат на терен и ќе ги реализираат нивните претходно осмислени концепти со цел да го урбанизираат градот Велес на четирите одредени локации.

Локалната библиотека неодамна спроведе истражување за потребите на локалната заедница каде што резултатите прикажаа декa младите, како примарна таргет група, имаат потреба за простор каде слободно ќе можат да ја изразат својата креативност. Од овде се роди идејата да излезе надвор од просториите на библиотека и да делува надвор од рамките на класичните услуги погрижувајќи се за остварување на основна цел: едукацијата,културата и подигнувањето на свеста на своите сограѓани.

Овој клуб ќе работи на разубавување на јавни површни во Велес со креации кои обезбедуваат простор за забава, заедно со едукативна содржина која ќе влијае на подигање на свеста за: стилови на уметност, важноста од учење преку игра и забава како и за важноста од пренесување на знаењата од генерација на генерација и одговорност за културата на својот град.

“Со самото вклучување на средношколците во овој проект, ќе обезбедиме тие да ја почувствуваат тежината на изработка, што ќе помогне истите да почнат повеќе да го ценат својот, но и туѓиот труд а со тоа и да спречат понатамошно уништување на креациите во градот. Во нашиот град до сега имало неколку настани за обојување на ѕидни површини но се ретки и еднократни, затоа нашата цел е да создадеме Клуб на млади креативци на кои ќе може да се приклучи секој средношколец кој сака да придонесе за својот град а со тоа и да продолжат ваквите активности во градот.“, изјави Росана Теовска, волонтер во локалната библиотека „Гоце Делчев“.

Главната цел на активностите е да се покаже како библиотеката може преку ангажирање на младите, специфично средношколците, во еден процес на ко-креирање или ко-дизајнирање да поттикне позитивна промена во локалната заедница.

Како прва активност, клубот ќе работи на  разубавување на 4 јавни површини кои се уништени или занемарени во градот. Редизајнот на јавните површини подразбира нивно уредување, боење или реновирање, под наслов „Урбанизирај се“. Овие 4 локации се идентификувани во соработка со локалната самоуправа и истите се дефинирани како соодветни за реализација на овој проект или иницијатива, прв од ваков тип во Велес.

До сега беа организирани две работилници на кои младите креираа концепти и начини за разубавување на градот, ставајќи акцент на едукативната содржина и достапност за сите граѓани, без разлика на возраста. Излегувајќи на терен, ги одредија точните локации за редизајн и подготвија концепти за истите:

  • Локација 1 – Градска библиотека “Гоце Делчев“
  • Локација 2 – Трговски
  • Локација 3 – Младински парк
  • Локација 4 – Големиот парк

Следен чекор на оваа урбана приказна е имплементацијата на делата кои ги креираа на работилниците. Затоа, на 31ви мај и на 1ви јуни, ве покануваме да дојдете на овие четири локации и да дадете поддршка за оваа иницијатива.

Повеќе информации можете да најдете на официјалниот настан http://skrati.mk/urbanizirajse и фан-страната на библиотеката http://skrati.mk/bibliotekagocedelcev.

Активноста се спроведува во рамки на програмата БиблиоБум (bibliobum.mk) која што има за цел да им помогне на локалните библиотеки да креира позитивни промени во локалните заедници преку дизајнирање на нови услуги и искористување на постоечките ресурси на библиотеките со цел нивна трансформација во центри на знаење, информации и идеи.

Проектот е поддржан од СмартАп – Лабораторија за социјални иновации и Американската Амбасада Скопје во рамки на #БиблиоБум програмата. Голема благодарност до Младински Образовен Форум – МОФ за помош при реализација, како и до Жито Маркети, за обезбедување на потребните материјали за реализација на првата активност.

Следете не за повеќе информации, тек сега станува интересно!

СмарАп - Лабораторија за социјални иновации

СмарАп - Лабораторија за социјални иновации

СмартАп е лабораторија за социјални иновации која работи на поврзување на различните засегнати страни во еден еко-систем кој промовира и развива социјални иновации со цел градење на општество кое е општествено, економски и еколошки одржливо. Целта на организацијата е градење на капацитите на луѓето и обезбедување на алатки преку кои тие ќе можат активно да учествуваат во решавањето на општествените предизвици.

Leave a Reply